27/04/2024
ПочетнаРегионЕскобар во Приштина на разговори за Заедницата на српски општини и употребата...

Ескобар во Приштина на разговори за Заедницата на српски општини и употребата на динарот

Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска ќе престојува во Косово на средби со државните челници, со кои ќе разговара за дијалогот со Србија, процесот на формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство и прашањето за користењето на српскиот динар во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Американскиот емисар вчера во Брисел изјави дека неговата посета на Приштина ќе биде фокусирана на ефектите и на изнаоѓање можно решение за, како што рече „некоординираната одлука“ за забрана на динарот и трансферите од Србија.

Тој информира дека по Косово ќе ги посети Австрија и Црна Гора, а потоа ќе се врати во Вашингтон.

– Ќе отпатуваме во Приштина и ќе се фокусираме на ефектите и можното решение од некоординираната одлука за забраната на употребата на динарот и трансферите од Србија за српските граѓани кои примаат социјални исплати од Србија, рече Ескобар.

На вчерашната прес-конференција пред неговото патување во Приштина, тој рече дека САД ја повикуваат Владата на Косово многу сериозно да ја сфати загриженоста на меѓународната заедница.

Ескобар нагласи дека Вашингтон не ја оспорува легитимноста на одлуката, туку начинот и брзината со која таа е спроведена.

Според него, неопходно е Владата на Косово да работи со меѓународната заедница за изнаоѓање решение за одлуката за динарот, одлука која тој ја нарече „катастрофална“ и „некомпетентна“.

– Слушаме многу извештаи за тешкотии. Ја повикуваме Владата на Косово сериозно да ги сфати овие грижи на меѓународната заедница. Не разговараме за легитимноста на одлуката, туку за брзината со која таа се спроведува. Владата не даде алтернативен пат, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД.

На прашањето за Заедницата на општини со мнозинско срспко население, Ескобар рече дека Приштина никогаш не кажала дали го прифаќа предлогот за статут на Заедницата предложен од Европската унија и дека на САД им е тешко да разберат зошто не го прават тоа така.

– Слушнавме многу различни причини зошто не е оформена или зошто не напредува, од кои ниту една не прифаќаме. Треба да продолжиме понатаму, изјави Ескобар.

Ескобар во Приштина првично ќе биде примен од претседателката на Косово, Вјоса Османи, а по средбата е најавено нивно обраќање пред медиумите.

Освен со челниците на државните институции, Ескобар ќе се сретне и со лидерите на трите опозициски парламентарни партии: Мемли Красниќи, претседател на Демократската партија на Косово, Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово и Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово. Од трите партии е потврдена поканата за средба со американскиот емисар и нивното учество на неа, меѓутоа нема детали за форматот на средбата.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ