03/05/2024
ПочетнаСпортПандев со критика по дебаклот од Англија

Пандев со критика по дебаклот од Англија

Лавина од реакции на социјалните мрежи предизвика синоќешниот пораз на македонската фудбалска репрезентација на гостувањето во Англија (0-7), а со остри критики на адреса на раководството на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и националниот тим се огласи и поранешниот капитен на „црвено – жолтите“, Горан Пандев.

Коментирајќи на фотографија на Инстаграм стори на која се претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, спортскиот директор Данчо Масев и селекторот Благоја Милевски, 39-годишниот Пандев напиша: „Најголемото зло што некогаш постоело во македонскиот фудбал. Нека ни е на чест на сите“.

Селекторот Милевски на прес – конференцијата по највисокиот пораз во историјата на македонската репрезентација ѝ се извини на нацијата, но најави дека нема намера да поднесе оставка.

– За жал, се случуваат и вакви работи во фудбалот. Ова се истите фудбалери кои играа со Италија и со Португалија. И јас сум истиот тренер, но во фудбалот има и вакви денови. Потфрливме во секој поглед. Тргнувајќи од мене, па потоа во сите линии на теренот. Јас сум одговорен на прво место, јас ги бирам играчите и одредувам кој ќе игра. Игравме против најразиграниот тим во Европа, но потфрливме во сите наши замисли. Ова не значи дека треба да се откажеме. Јас сум борец и не планирам да се откажам, треба да сме силни и сплотени и во вакви тешки моменти, рече Милевски.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ