Американскиот претседател Џо Бајден го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се откаже од предлогот за судски реформи што доведоа до масовни протести во Израел.
Нетанјаху пред два дена во изјава до нацијата привремено ја одложи реформата откако голем број луѓе изразија незадоволство од предложените измени на законот. Британските медиуми потсетуваат дека Белата куќа претходно соопшти дека Нетанјаху треба да најде компромис за ова прашање, а претседателот Бајден вчера дури и го повика израелскиот премиер целосно да се откаже од промените.
-Се надевам дека ќе се откаже од тоа, рече Бајден, мислејќи на нацрт-законот што на израелската Влада ќе и даде поголема контрола врз назначувањата во Врховниот суд на земјата. Нетанјаху брзо издаде изјава во која му порача на американскиот претседател дека „Израел е суверена земја која своите одлуки ги носи според волјата на својот народ, а не под притисок од странство, вклучувајќи ги и неговите најдобри пријатели“. Нетанјаху, исто така, рече дека неговата влада се обидува да „спроведе реформи и да воспостави соодветна рамнотежа меѓу трите гранки на власта преку широк консензус“.
-Го познавам претседателот Бајден повеќе од 40 години и ја ценам неговата долгогодишна посветеност на Израел, рече Нетанјаху. Тој рече дека сојузот меѓу Израел и САД е нераскинлив „и секогаш ги надминува повремените меѓусебни несогласувања“.