Националната галерија ја најави годишната програма по повод одбележувањето на 75 годишнината од нејзиното постоење. Програмата ќе започне со изложба по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Изложбата која е насловена „Мајчинство” – дела од колекцијата на Националната галерија, ќе биде поставена денеска во просторот на Чифте амам.
– Месец март традиционално по шести пат, на календарот донесува тематска изложба по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март. И повторно жената, со сета своја убавина во фокусотот на темата која овој пат го допира најисконскиот биолошки наратив, мајчинството. Оваа тематска изложба е со посвета на понежниот пол и испраќа честитка до сите жени. Изложбата е насловена „Мајчинство” – дела од колекцијата на
Националната галерија и ќе биде поставена во просторот на Чифте амам на 7ми март. Прикажува селектиран избор на македонски и странски автори, кои претежно припаѓаат на првите генерации уметници, а ја обработуваат темата мајка и мајка со дете.
Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата збирка на Националната галерија. Изложбата брои околу четириесеттина дела – цртежи, слики, икони, скулптури, таписерии, фотографии на плотер принт. Застапени се нашите автори од првите генерации: Димитар Андонов Папрадишки, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски и автори од Југословенската колекција како: Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др, информираат од Национална галерија.
Како што најавуваат, одбележувањето на 75 годишнината ќе продолжи со претставување на проектот „Landscape Experiences“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, претставници на минатогодишното 59. Венециско биенале. Претставувањето ќе биде во Чифте амам на 30 март 2023.
-Станува збор за мултимедијален проект кој во себе вклучува видео инсталации, објекти и фотографии. „Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, здраво-отровно се присутни и во досегашните истражувања на уметниците, а во проектот „Landscape Experience“ уште повеќе се продлабочуваат, укажуваат од Националната галерија.