Во малата сала на Филхармонија вечер концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими Концертот е во организација на „Баги Комуникации“.
Мухамед Ибрахими е гитарист кој својата гитара ја третира на многу интуитивен и инспиративен начин, свирејќи го спонтано само она што го чувствува и извира директно од него. Неговите композиции се автентична мешавина од повеќе музички стилови во кои сосема природно се спојуваат блуз и рок, но и традиција и сегашност.
Гости на концертот на Ибрахими ќе бидат Ратко Даутовски на перкусии, Џоле Максимовски на бас, Фјола Исмаили на чело и Никола Стојмановиќ на мандолина.
-На концертот во Филхармонија публиката ќе може да слушне композиции од моите два албума, но ќе има и нови композиции кои ќе бидат првпат интерпретирани концертно. Составот е интересен, композициите опфаќаат поширок обем на стилови задржувајќи ја автентичноста на мојот стил и начин на интерпретирање. Се надевам дека публиката ќе ужива во звукот којшто ќе го пренесеме преку нашите инструменти, изјави Ибрахими.
Мухамед Ибрахими се памети како гитарист на групата „Бла бла бла“, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници.
Има издадено два албума, „Fly“ во 2014 и „Devotion“ во 2019 година.
-Особено сме среќни што соработуваме со еден извонреден музичар и одличен професионалец каков што е Мухамед. Нашата стратегија како агенција е да се посветиме на негувањето на домашните автори и музика. Годинава не очекуваат одлични соработки и уште подобри концерти, соопштија од „Баги Комуникации“.