17/10/2025
ПочетнаМакедонијаПрогласена едномесечна кризна состојба во државата поради зголемени пожари

Прогласена едномесечна кризна состојба во државата поради зголемени пожари

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба на територијата на целата држава, поради зголемена појава на пожари, со времетраење од 30 дена.

Одлуката, како што соопшти портпаролката на Владата, Душица Митева, е резултат на заклучоците од денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи. Високите температури, силните ветрови и сериозната закана по животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните се главните причини за донесување на оваа одлука.

„Со прогласената кризна состојба се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – Армијата, полицијата, противпожарните единици, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, како и другите ресурси. Ќе се овозможи брза мобилизација на сите човечки, технички и логистички капацитети за справување со ситуацијата и заштита на населението“, изјави Митева.

Владата, како што се посочува, ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати региони, со приоритет на безбедноста на граѓаните.

„Државата ќе биде таму каде што е најпотребно“, изјави Митева, упатувајќи длабока благодарност до сите пожарникари, припадници на Армијата и полицијата, како и до волонтерите и граѓаните кои пожртвувано се борат со огнената стихија.

Граѓаните се повикуваат на крајна внимателност и почитување на сите препораки и забрани, со цел заеднички да се надмине кризата.

Владата останува целосно ангажирана и ќе продолжи да ги следи состојбите на терен, реагирајќи соодветно со дневна координација.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ