Една година од најголемата трагедија што и се случи на Северна Македонија, пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Рано утринава, симболично во 2:15 часот, пред дискотеката во Кочани се одржа собир во знак на сеќавање на оние кои настрадаа во трагедијата, организиран од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“.
„Нека светлината сведочи дека не забораваме. Нека тишината зборува за љубовта која останува“, порача Здружението.
Овој викенд во Скопје годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“ беше одбележана со неколку настани.
Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани“ ја организираше Владата на Северна Македонија во текот на изминатите два дена.
На конференцијата присуствуваа претставници на државниот врв и министри, како и 37 лекари и медицински експерти од странство, кои директно учествуваа во лекувањето на пациентите во најтешките денови по трагедијата во Кочани.
На конференцијата, претседателката на земјата, Гордана Силјановска Давкова, нагласи дека ништо нема да ја ублажи болката на семејствата кои ги загубија своите сакани, но, како што рече, мора да се направи сè за да се осигура дека такви трагедии никогаш повеќе нема да се повторат.
„Кочанската апокалипса ни остави длабока рана, покажувајќи ни дека без стандарди, правила и одговорност ниту една активност не може безбедно да функционира и ништо, апсолутно ништо, не смее да биде поважно од правото на живот, тоа им го должиме на починатите, на преживеаните, но и на сите граѓани“, рече Силјановска Давкова.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се одвива под засилени мерки за безбедност, во присуство на обвинетите, роднините на жртвите и јавноста. Постапката се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки кривични дела против јавната безбедност. Судењето за пожарот кој изби за време на настапот на бендот ДНК го води судијата Дијана Груевска-Илиевска, а обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.


