24/11/2024
ПочетнаUncategorizedГрчката претседателка свика лидерска средба – Грција се движи кон новите избори

Грчката претседателка свика лидерска средба – Грција се движи кон новите избори

Претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу,откако ги додели трите мандати за формирање Влада и ниту една од партиите не успеа да го обезбеди потребното мнозинство, за денеска закажа лидерска средба во Претседателската палата, јави дописничката на МИА од Атина.

Процесот на доделување на мандатите за формирање Влада, заврши во експресно краток рок од само два дена, со оглед на тоа дека е јасно дека земјата ќе оди на втори избори, па така формалните процедури предвидени со Уставот се движат со забрзан ритам.

Сакеларопулу на одделни средби ги прими лидерите на трите партии што освоија најголем број гласови на изборите во неделата и им ги додели мандатите за формирање Влада, но никој од нив не го има потребното мнозинство од 151 пратеник.

Во понеделникот мандатот го доби лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, откако партијата победи на изборите со 40,79 отсто од гласовите и 146 пратеници, но за еднопартиска Влада му недостигаат уште пет пратенички места, па така, актуелниот премиер, неколку часа откако го прими ѝ го врати мандатот на Сакеларопулу.

Во текот на вчерашниот ден Претседателската палата на одвоени средби ја посетија лидерите на СИРИЗА Алексис Ципрас и на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, кои воопшто не го ни примија мандатот велејќи дека не произлегува можност за формирање Влада.

Со доделувањето и на третиот мандат се затвори циклусот на мандати за првите три партии.

Денешната лидерска средба е во рамките на одредбите предвидени со Уставот и е уште еден, последен обид за формирање Влада со широко мнозинство, што во конкретниот случај ќе биде само формално, за да се запазат процедурите.

Понатаму следи и формирање службена Влада која ќе има една и единствена обврска, да ја одведе земјата на изборите што ќе се одржат на 25 јуни.

Според медиумите во Грција, на позицијата премиер во службената Влада ќе дојде еден од претседателите на трите врховни судови, а веројатно тоа ќе биде претседателот на Ревизорскиот суд Јоанис Салмас.

Паралелно новиот парламентарен состав што произлезе од изборите, в недела на 28 мај, наместо на 1 јуни ќе одржи седница, ќе положи свечена заклетва, а ден подоцна да се распушти во пресрет на новиот изборен процес.

Претседателскиот декрет од 22 април за распуштање на Парламентот, предвидуваше пратениците првата седница да ја одржи на 1 јуни, меѓутоа, како што пишуваат медиумите во Грција, со оглед на тоа што формалните процедури се одвиваат со забрзан ритам, издаден е нов за првата седница да се свика четири дена порано.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ