Во присуство на голем број филмски ѕвезди свечено беше отворен овогодинешниот 76. Кански филмски фестивал, меѓу кои најголемо внимание привлекоа Џони Деп, Хелен Мирен, Мајкл Даглас, Кетрин Зета Џонс, Ума Турман, Кетрин Денев и многу други.
Појавувањето на Деп на првиот ден од фестивалот беше главна вест пред премиерата на неговиот филм „Мадам ди Бари“, во кој тој го игра кралот Луј XV. Тој беше пречекан со овации и транспаренти на кои пишуваше „Да живее Џони“.
Во центарот на вниманието беше и Мајкл Даглас, кој доби почесна Златна палма за животно дело за време на свеченото отворање. Тој дојде во Кан со сопругата Кетрин Зета-Џонс и нивната ќерка Керис.
За Златната палма се натпреваруваат вкупно 21 филм, а меѓу режисерите во конкуренција се и седум жени, што е рекорд за овој филмски фестивал. Со деветчленото жири на фестивалот претседава Рубен Остлунд, кој минатата година ја освои својата втора Златна палма за филмот „Триаголник на тагата“.