По серијата од четири порази, главно на силните турнир од класата челинџер, Калин Ивановски врза и втора победа поред, која го смести во четвртфиналето од турнир во Куршумлиска бања, во Србија, вреден 25.000 долари.
Во својот втор меч, Ивановски за противник го имаше шестиот носител, 21-годишниот Французин Тимо Легу, 414. на АТП-листата.
Фаворитот почна подобро и го освои првиот сет со 6-2, реализирајќи ги сите три брејк -можности кои му се укажаа. Ивнаовски маше проблеми со првиот сервис, уфрлаше во поле под 50 отсто, но тоа почна да се поправа како се движеше мечот. Во вториот сет, почна да ги користи своите брејк-шанси, отвори со 5-0, а го доби со 6-1.
Беспрекорната серија продолжи и во третиот сет, кога противникот целосно отпадна од игра, а Ивановски доминираше со 6-0. Во четвртфиналето одеше на уште еден Французин, вториот носител, Матис Ернар, но и тој претрпе изненадување во денешните дуели, па противник на Ивановски ќе биде Либанецот Хади Хабиб, 531. на АТП-листата.
Најдобриот македонски тенисер ќе може да го види на дело Хабиб уште денеска против себе, но во конкуренција на двојки. Во тандем со Украинецот Олександар Овчаренко и тоа како четврти носители, ќе се пресметаат со Хабиб и Ужиловскиј, од Украина, во борба за полуфинале.