26/11/2024
ПочетнаUncategorizedНиколоски на Делфи економскиот форум: „Отворен Балкан“ е шанса за подобра иднина

Николоски на Делфи економскиот форум: „Отворен Балкан“ е шанса за подобра иднина

„Отворен Балкан“ е иницијатива која веќе ги покажува економските придобивки за земјите што учествуваат во неа. Бројките укажуваат на раст на трговската размена, олеснети се процедурите за преминување на границите, воведени се зелени ленти за движење на земјоделските и прехранбените производи и сл, истакнал заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, кој учествува на осмиот Делфи економски форум во Грција.

– „Отворен Балкан“ не е политичка иницијатива, тоа е економска иницијатива што се базира на четирите основни слободи на кои се темели и ЕУ, но не е замена за ЕУ, туку е поттик за побрза интеграција на регионот во Европската Унија. Затоа, тргнувајќи од заедничката цел кон која се стремиме, полноправно членство во ЕУ, ја покренавме оваа иницијатива којашто ги забрзува реформите и дополнително ги подготвува земјите за влез во Унијата, рекол заменик- министерот за финансии.

Како што се наведува во денешното соопштение од Министерството за финансии, Николоски посочил дека е видлив растот на трговската размена меѓу земјите, споделувајќи податок дека вкупната размена на Северна Македонија со Србија и со Албанија од почетокот на годинава бележи раст од над 30 проценти односно 32,9 проценти и 32,8 проценти, соодветно.

– Иницијативата е автентична, базирана на добра верба, добра волја и добрососедски односи меѓу нашите три земји, Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија. Врз основа на тоа, она што го направивме досега помеѓу нас, а од што придобивки имаат и граѓаните и компаниите, се воведените зелени ленти на граничните премини, така што движењето на земјоделските и прехранбените производи се одвива побрзо и контролите се спроведуваат 24 часа, воведени се нови процедури за гранична проверка, односно поминување на границата со едно застанување (One stop shop), во завршна фаза е воспоставувањето единствен електронски систем за наплата на патарина, како и активирањето идентификациски број за граѓаните на „Отворен Балкан“ (ОБ ИД број), што ќе овозможи граѓаните непречено да работат во приватниот сектор во која било од овие три држави, без нострификација на диплома, без чекање за разни дозволи и без какви било други административни бариери, истакнал Николоски.

Додал дека веќе се отпочнати и активности за други бенефиции, меѓу кои и потпишаниот Меморандум за соработка на даночните администрации во Западен Балкан којшто има за цел поврзување на регионот, заедничка борба против фискалната евазија, како и примена на напредни методи за наплата на приходите, трансфер на знаење и размена на најдобрите практики и искуства. Се работи на повеќе проекти за привлекување инвестиции од областа на туризмот, културата, образованието и сл.

Иницијативата „Отворен Балкан“, посочил заменик-министерот, е добредојдена и во услови на природни катастрофи и несреќи, како и во услови на криза, како што е актуелната. На тој начин, подвлекол, на нашата земја ѝ беше помогнато во справувањето со пожарите во текот на летото 2021 година, а во однос на справувањето со енергетската криза беа формирани мешовити работни групи за обезбедување меѓусебна помош на трите држави во снабдувањето со храна, струја или енергетски ресурси.

Според Николоски, „Отворен Балкан“ е заедничка шанса за подобра иднина Реализацијата на проектите на „Отворен Балкан“, како што рече, значи подобар живот за граѓаните и поквалитетни институции.

Делфи економскиот форум се одржува од 26-ти до 29-ти април 2023 година во античкиот град Делфи, Грција. Годинашната конференција се фокусира на нарушената геополитика, климатските промени и животната средина, одржливата економија и финансии, социјалната инклузија и технолошкиот напредок.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ