Карпошани, чии деца треба да се запишат во прво одделение во учебната 2023/2024 година, од понеделник ќе можат да ги однесат децата на задолжителените офталмолошки и стоматолошки прегледи во поликлиниката „Букурешт“, без обврска претходно да резервираат термин за таа намена. Оваа иницијатива ќе трае во текот на целата работна седмица, односно до сабота, 29 април, информираат денеска од Општина Карпош.
– Од понеделник до петок, здравствените прегледи ќе се одвиваат од 14 до 18 часот. Во сабота пак, прегледите ќе се извршуваат од 8 до 14 часот, додаваат од Општината.
Како што појаснуваат, според Законот за основно образование при упис на првоодделенците во училиште, потребно е да се приложи и потврда за извршени офталмолошки и стоматолошки прегледи на дечињата, а за реализирање на овие здравствени услуги ќе се наплаќа минимална партиципација.
– Според проценките, се предвидува да бидат запишани околу 615 првачиња во училиштата ширум локалната самоуправа во Карпош, се истакнува во соопштението.
По тој повод, „градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во својот кабинет денеска потпиша меморандум за соработка со директорот на Јавната здравствена установа – Здравствен дом Скопје, проф. д-р Виктор Исјановски и со организацискиот директор, Вулнет Селими“.
– Целта на овие прегледи е да се направи навремена детекција при евентуално оштетување на видот кај дечињата, како и да се дејствува превентивно при спречување на орални болести кај младите карпошани. Започнуваме со оваа предвремена кампања за сите нови првачиња коишто ќе се запишуваат во училиштата на територија на Карпош. Поточно, во поликлиниката „Букурешт“ ќе се извршуваат стоматолошките и офталмолошките прегледи на дечињата, по што ќе се издаваат и потврдите за упис во училиште, а партиципацијата е од Фондот за здравство, којашто чини симболични 40 денари, пишува во соопштението.