Актуелната состојба и односите помеѓу Ерменија и Азербејџан беа главна тема на денешната средба на претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи со неговиот ерменски колега Арарат Мирзојан.
Османи, како што соопшти денеска од МНР, се интересираше за статусот на мировниот договор, како и за севкупната безбедносна ситуација во земјата, како и за состојбата на притворените Ерменци во Нагорно-Карабах.
Османи и Мирзојан, исто така, разговараа и за загриженоста на Ерменија за состојбата во Лачинскиот Коридор и ефектите од неа врз животот и егзистенцијата на населението од оваа област.
Во текот на денот, Османи ќе се сретне и со претседателот на Ерменија, Вахан Хачатуријан, премиерот Никол Пашинјан и делегација на Парламентарното собрание на ОБСЕ од Националното собрание на Ерменија.