27/11/2024
ПочетнаUncategorizedСе очекува одлука од Владата за корекција на замрзнатите цени кај зеленчукот...

Се очекува одлука од Владата за корекција на замрзнатите цени кај зеленчукот и овошјето

Владата денеска треба да донесе одлука со која ќе се ревидираат дел од замрзнатите цени на овошјето и зелечнукот. Како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, ниту еден од производите опфатени со одлуката нема да биде поскап од 100 денари за килограм.

Корекцијата на цените доаѓа по средбата со трговците минатата недела.

-Договорено е да се направи мала корекција на цените, имајќи предвид дека трговците веќе почнале да пријавуваат увозни цени кои кореспондираат со тоа што се дава како фактури во другите држави. Генерално, увезуваме од Турција, Грција, Албанија и Србија и повикувајќи се на новите цени кои се пријавуваат во Царинската управа, во вторник Владата ќе ги коригира замрзнатите цени и ќе има кај одредени производи многу мало намалување како највисока цена на овие производи, но, никако нема да има цени како сега или пред 10 дена, од 130 до 150 денари. Ниту еден од производите кои беа наведени во одлуката за замрзнување на цените нема да има повисока цена од 100 денари за килограм. Ќе има мала корекција само во делот на доматите и краставиците зашто нема веќе увоз од Турција и од Грција каде што има поголемо производство на овие производи. Генерално, до крајот на месецов увоз се врши од Албанија и еден мал дел од Србија, заради тоа што во Албанија еден месец однапред излегуваат овие производи, рече тогаш Бектеши.

Тој повтори дека нема да се толерираат маржи од 100 или 200 отсто. Ќе продолжат, напомена, и контролите за тоа како е реализиран увозот на овошје и зеленчук последните месеци.

Деновиве почна откупот на лутите пиперки, кои најмногу се извезуваат на пазарот во Србија, а дел завршува и на домашниот.

Последните податоци што биле анализирани со увозниците покажале мало зголемување на увозните декларации на некои производи. Според тоа, истакна Бектеши, би требало да се коригираат и замрзнатите цени.

-Корекцијата ќе биде процентуална во зависност од зголемените трошоци за увоз прикажани во Царината од 28 март до денеска. Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа, процентуално ќе се намали цената на тој производ, а ако е истата, ќе остане иста цената, објасни Бектеши по средбата со увозниците во петокот.

Со Одлука на Владата од 5 април се замрзнаа цените на 11 видови овошје и зеленчук. Според Одлуката, килограм свежи домати може да чини максимум 70 денари, килограм краставици 75 денари, килограм кромид 60 денари, килограм карфиол 70 денари, килограм свежи зелени пиперки 90 денари, килограм грав 75 денари, килограм леќа 110 денари, килограм банани 70 денари, килограм портокали 55 денари, килограм мандарини 60 денари и килограм лимони 55 денари.

Претходно беа замрзнати и цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно за 10 проценти, како и цените на јајцата и оризот, додека цената на белиот и на полубелиот леб до 450 грама е замрзната на 33 денари.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ