Кумановски уметници Младен Трендевски, Дејвид Стоилковски, Дарко Трајковски и Горан Стојанов од Здружението „Форма“ го нацртаа муралот на револуционерот Гоце Делчев на ѕид од кумановската гимназија која го носи името на великанот. Во денешната изјава за медиумите, Трендевски вели дека идејата за овој мурал се родила уште пред една година.
– Ја споделивме идејата, имаме поддршка и од училиштето и од локалната власт, изјави Младен Трендевски, слободен уметник од Куманово.
Здружението „Форма Куманово“ досега работеше на повеќе проекти, исцртување мурали и графити низ целиот град. Според процените во Куманово има над 50-тина мурали и графити.
Слободните уметници од здружението од Куманово велат дека за разлика од претходните години, кумановската јавност има високо мислење за овој вид уметност. Единствен проблем за уметниците е што се неопходни дозволи.
– Почнавме со работа и во други градови. Најголем проблем е дозволата за цртање, простор за творење имаме колку што сакаме, идеи имаме, проблем е да дојдеме до таа дозвола и да го склопиме тоа и со институциите и народот, тоа ни е најголем проблем, идеи и простор има доволно во Куманово, но мислам дека за до пет години Куманово сигурно ќе биде најисцртан град во државата можеби и пошироко, дополнува Трендевски.
Здружението чија цел е следење и поддршка на локалните артисти од ликовната област и годинава ќе го организира петтиот по ред „Графити фест“. Настанот на кој е предвидено да учествуваат артисти од земјава, но и од други седум држави, ќе се одржи во мај годинава.
– Овој графити фест мислам дека ќе нè отслика по толку години. Петти „Графити фест“ и мислам дека организациски и од артисти кои ќе присуствуваат ќе биде доста популарен. Во преговори сме, најавивме гости, ќе има целодневно исцртување на ѕидот во населбата Гоце Делчев, не знам за точна површина, мислам дека ќе исцртуваме и згради тоа ќе биде нешто најдобро за градот, вели Трендевски.
Муралите во Куманово ги им на повеќе локации, уметниците првин твореа на училишните згради „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисриков“, долж „Октомвриска револуција“. Уметниците од здружението особено внимание привлекоа со муралот на Блаже Конески и на голманот Столе Димитриевски и сега со великанот Гоце Делчев.