Премиерот Христијан Мицкоски, денеска соопшти дека започнува исплатата на повисоки пензии за 2.500 денари, со што се реализира ветувањето за линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари.
Во своето видео обраќање, премиерот Мицкоски истакна дека повеќе од 300.000 пензионери ќе добијат повисоки пензии, што претставува исполнување на едно од клучните ветувања на Владата.
„Напорната работа носи резултати. Имам одлична вест за сите пензионери. Од денес започнува исплатата на повисоки пензии за 2.500 денари. Со тоа го испорачавме нашето ветување за повисоки пензии од 5.000 денари“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека Владата е посветена на решавање на проблемите во општеството и дека овој чекор е дел од напорите за подобрување на животниот стандард на пензионерите.
„Да, Македонија има многу проблеми. Да, проблеми има во секој дел од општеството, но затоа сме ние тука да ги решаваме проблемите и со решавање на проблемите Македонија ќе биде повторно горда, а на овој начин Македонија ќе биде повторно ваша. Нека е со среќа повисоки пензии, долговечно да ги користите, со многу радост, љубов и среќа во вашите семејства“, порача премиерот Мицкоски.