22/11/2026
ПочетнаМакедонијаПромовиран „One Stop Shop“ на Ќафасан

Промовиран „One Stop Shop“ на Ќафасан

Системот „One Stop Shop“ на македонско-албанската граница значително ќе го олесни транспортот на патници, дополнително ќе ги доближи двете земји и ќе даде силен поттик за развојот на туризмот. Ова денеска го истакна премиерот Христијан Мицкоски на настанот по повод официјалното пуштање во употреба на заедничкото гранично управување, на кој присуствуваше и неговиот албански колега, Еди Рама.

Премиерот Мицкоски нагласи дека овој граничен премин годишно го минуваат неколку милиони патници, поради што воведувањето на заедничката контрола претставува огромен чекор напред во билатералната соработка. Тој изрази очекување дека ваквиот модел на функционирање наскоро ќе се примени и на останатите гранични премини со Албанија.

„Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини коишто ги имаме со нашиот западен сосед и на тој начин дополнително да ги зголемиме врските помеѓу граѓаните од двете страни на границата. „One Stop Shop“ системот ќе додаде вредност и во делот што значи зголемување на туризмот и туристичкиот потенцијал коишто го имаат двете земји“, изјави Мицкоски, посочувајќи ги Охридското крајбрежје, Охрид, Струга и околните општини од македонска страна, како и албанското приморје.

На самиот почеток од своето обраќање, премиерот им го честиташе Денот на албанската азбука на сограѓаните Албанци, оценувајќи дека овој празник има големо значење за мултиетничкото општество и придонесува за зајакнување на меѓусебната кохезија.

Мицкоски упати благодарност до министерот за внатрешни работи, владините претставници, припадниците на МВР и Царинската управа за нивниот ангажман во реализацијата на проектот, а особена благодарност изрази до албанскиот премиер Еди Рама за неговата лична поддршка овој систем да стане реалност.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ