Против мароканскиот фудбалски репрезентативец од редовите на ПСЖ, Ашраф Хакими, официјално е отворена истрага за силување, соопшти денеска Обвинителството во францускиот град Нант.
Мароканскиот фудбалер беше сослушан вчера, а потоа ставен под судски надзор и против него е поведена официјална истрага. Се товари дека минатата сабота силувал жена во својот дом во париското западно преградие Булоњ – Биланкорт.
Младата, 24-годишна жена, случајот го пријава минатата недела во полициска станица во Вал-де – Марне, каде рече дека била силувана, но тогаш не поднесе тужба.
Според полициски извор, жената изјавила дека го запознала Хакими на социјалната мрежа Инстаграм и оти минатата сабота била гостинка во неговиот дом каде пристигнала со автомобил што го нарачал мароканскиот репрезентативец.
Во полициската станица жената изјавила дека Хакими ја бакнувал и допирал без нејзина согласност, пред да ја силува, додаде полицискиот извор.
На Хакими му е забранет контакт со жената, но дозволено му е да ја напушта француската територија.
Неговата адвокатка Фани Колин изјави во вторникот дека обвинувањата се „лажни“ и додаде дека Хакими е „мирен“ и „на располагање на правдата“.