24/11/2024
ПочетнаМакедонијаМаричиќ - О’Брајан: Поддршка од САД за побрзо достигнување на европските вредности...

Маричиќ – О’Брајан: Поддршка од САД за побрзо достигнување на европските вредности и стратешката цел

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, се сретна со шефот на Одделот за координација на санкциите при Стејт департментот и именуван помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, амбасадорот Џим О’Брајан, со кој размени мислења за актуелните процеси што ги води Македонија и за улогата на нашата држава во зачувувањето на регионалната стабилност.

Маричиќ нагласи дека досегашната несебична пријателска поддршка на Соединетите Американски Држави одиграла важна улога во зачувувањето на стабилноста и мултиетничката хармонија во македонското општество, како и во остварувањето на стратешкиот интерес – членството во НАТО. Во тој контекст Маричиќ изрази очекување дека плодната соработка меѓу двете земји ќе продолжи и во процесот на интеграција во ЕУ, како и во исполнувањето на реформската агенда.

Пораката на Џим О’Брајан, шефот на Одделот за координација на санкциите при Стејт департментот и именуван помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, кој има одлично познавање на состојбите во Западен Балкан, беше дека Северна Македонија мора да остане непоколеблива во исполнувањето на визијата за ЕУ и е на добар пат да ја обезбеди европската перспектива, која ќе ја направи клучен фактор за регионалната стабилност и дефинирањето на новите европски граници.

Маричиќ му се заблагодари на О’Брајан што САД го препознава лидерството и што ја цени решителност и посветеноста на реформите, кои, како што рече тој, „мораме да ги продолжиме подинамично, со посебен акцент на владеењето на правото и борбата против корупцијата како главни предуслови за напредок во евроинтеграцијата“.

Соговорниците на средбата се согласија дека довербата и сојузништво што ги имаме во НАТО, заедно со стратешкото партнерство, ги унапредија односите меѓу двете земји и зајакнаа подготвеноста на американската администрација да дава силна поддршка на Северна Македонија во преговорите со ЕУ, со цел побрзо достигнување на европските вредности и исполнување на нашата стратешка цел.

Имајќи ја предвид важноста на процесот на преговори со ЕУ за просперитетот и развојот на регионот, вицепремиерот го изрази своето задоволство од вниманието што САД му го посветува на Западен Балкан, со уверување дека македонската Влада ќе ги направи сите напори да остане Северна Македонија позитивен пример и промотор на евро-атлантските вредности во регионот.

Во рамките на официјалната посета на Вашингтон, вицепремиерот Маричиќ, придружуван од државната секретарка при Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили, ќе оствари средба и со американскиот специјален претставник за Западен Балкан и заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ