Како МВР имаме нулта толеранција во однос на корупцијата, борба која мора да биде ригорозна и конзистентна, транспарентна и неселективна. Тоа подразбира дека за сето она што го работиме не смее да постои селективност, без разлика корупцијата и криминалот од каде доаѓаат, дал се на високо или ниско ниво, иако за мене таква поделба не постои. Корупција е коурпција, без разлика каде се јавува, таа треба да биде сузбиена. Секако дека ако се јавува корупција на високо ниво е попроблематична заради тоа што може да се има поголемо влијание врз системот, но сепак, мораме како институции, како систем, сите заедно да имаме добар одговор во однос на оваа состојба.
Ова го изјавил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Студио 10 на ТВ24, прашан за соработката на МВР со институциите надлежни за сузбивање на корупцијата.
Спасовски потенцирал дека МВР има добра соработка со институциите надлежни за борба против корупцијата.
– Можам да сведочам за добра соработка и со јавните обвинителства и со Државната комисија за спречување на комисијата, со конкретни договори за соработка, меморандуми за електронска размена на информации. Направивме можност укажувачите да имаат побезбеден систсем. Секоја постапка треба да се води без разлика за кого станува збор, да се прибираат докази, секаде каде ќе се покаже криминал – да се носи одговороност. Не смееме да си дозволиме луксуз во којшто некој ќе биде изоставен од водење постапка за криминал или корупција. Само така граѓаните ќе имаат доверба во институциите, рекол Спасовски.
Образложувајќи дека корупцијата како феномен практично лишува многу услуги кои се потребни на граѓаните, како што се наведува во соопштението од МВР, Спасовски истакнал дека преку корупцијата граѓаните се лишени од услуги во образованието, во здравството, таа ја јаде економијата и работните места, за сметка на богатење на групи и поединци. Затоа, посочил Спасовски, посебно е важно истрагите за корупција да биде проследени со финансиски истраги и конфискација на имот.
– Како МВР од моментот кога започнавме со финансиски истраги го формиравме Одделот за водење финансиски истраги во МВР и водиме паралелно финансиска истрага за секоја кривична постапка, со цел на крајот да не може тој имот кој е нелегално стекнат, да остане кај криминалот, туку да мора да се врати кај државата, нагласил Спасовски.
Истакнувајќи дека борбата против корупцијата е присутна секаде во општество, на секое ниво, министерот за внатрешни работи подвлекол дека таа никогаш не е лесна и не е ексклузивитет само за нашата држава.
– Борбата против криминалот и корупција не е лесна никаде во светот, дури и во најразвиените демократски држави. Еден од најголемите американски претседатели Рузвелт, би рекол – ‘Aко беше лесно немаше да вреди’. Така што и оваа битка којашто ја имаме против криминалот и корупцијата не е лесна, меѓутоа е вредно да се бориме против нив и да создадеме услови за развој на општеството, за такво какво што го посакуваат и, пред сѐ, заслужуваат граѓаните на државата”, рекол министерот Спасовски.