17/10/2025
ПочетнаМакедонијаСклучени договори за 828 проекти вредни 225 милиони евра со вториот повик...

Склучени договори за 828 проекти вредни 225 милиони евра со вториот повик од Инструментот за капитални инвестиции

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска објави дека со вториот повик од Инструментот за капитални инвестиции се потпишуваат договори за вкупно 828 проекти во вредност од приближно 225 милиони евра (13,868 милијарди денари). Ова е досега најголемата инвестиција во општините ширум државата.

„Денес правиме нов, голем и значаен чекор напред. Зборуваме со бројки што тежат, со проекти кои ќе остават трага и со дела што ја менуваат реалноста на луѓето“, изјави Мицкоски.

Најголем дел од проектите, дури 589, се во областа на транспортот, со вложување од над 132 милиони евра (8,105 милијарди денари). Ова опфаќа изградба и рехабилитација на патишта, улици, мостови и локални врски, со цел да се обезбедат пристојни услови за живот, еднаков пристап и економски потенцијал за секоја заедница.

Во областа на животната средина ќе се инвестираат над 2,4 милијарди денари преку 143 проекти за почиста вода, канализациски мрежи, управување со отпад и нови паркови. За образованието, предвидени се 1,6 милијарди денари за 48 проекти кои вклучуваат нови училишта, обновени училници и градинки. Инвестиции има и во културата, социјалната политика и спортот.

Мицкоски потенцираше дека ова е најголемата инвестициска офанзива за општините, не само по бројките, туку и по одлучноста и правичноста. „Се гради низ цела држава, во сите општини што аплицираа и имаа подготвена документација. Без партиски филтри. Без фаворизирања. Онаму каде што има проект, таму има и поддршка“, истакна тој.

Ова е втор повик за проекти. Во првиот повик беа финансирани 288 проекти, од кои заклучно со 1 јули 2025 година, 281 проект е со склучен договор, 146 се воведени во работа или се изведуваат на терен, а 113 проекти се целосно завршени.

„Од план до реализација. Од хартија до градилишта. Нема чекање, нема изговори. Ова е домаќинско управување со парите на граѓаните“, рече Мицкоски, додавајќи дека парите кои порано завршувале во „нечии џебови“, сега се гледаат во објекти, улици, училишта и водоводи.

Тој нагласи дека Македонија не е само Скопје и дека инвестициите се распределуваат подеднакво во секое село и град. „Ова не се партиски ветувања, ова се 828 конкретни договори. Не зборуваме само за иднината, туку истата ја градиме секој ден. Нема да дозволиме ниту еден регион да остане запоставен. Нема да има граѓани од прв и втор ред. Секоја општина е важна. Секој човек е важен“, заклучи премиерот.

spot_img
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

НАЈНОВИ ОБЈАВИ