Кинескиот технолошки центар Шенжен од 18 до 19 ноември 2026 година ќе биде домаќин на 33. Состанок на економските лидери на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК). Ова е првпат по 12 години Кина повторно да го организира овој самит, по одржувањето во Пекинг во 2014 година. Овогодинешниот собир се одржува под мотото „Градење азиско-пацифичка заедница за заеднички просперитет“ и ќе се фокусира на три клучни приоритети утврдени од Кина: отвореност, иновации и соработка, со цел продлабочување на регионалните економски врски и поттикнување нови двигатели на растот.
Во изминатите 12 години, Кина активно работеше на унапредување на регионалната поврзаност преку трговски договори и крупни инфраструктурни проекти. Покрај Регионалното сеопфатно економско партнерство (RCEP) кое стапи на сила во 2022 година, надградената зона за слободна трговија Кина-АСЕАН (CAFTA 3.0), потпишана во октомври 2025 година, ја прошири соработката на дигиталната и зелената економија и синџирите на снабдување. На инфраструктурен план, пристаништето Јантиан во Шенжен денес одржува 53 неделни бродски линии со другите економии на АПЕК, додека железницата Кина-Лаос од отворањето во 2021 година превезе над 20,77 милиони тони стока во вредност од околу 15 милијарди американски долари.
Соработката во регионот сè повеќе се насочува кон високите технологии и зелената индустрија. Во 2025 година, кинескиот извоз на висока технологија во другите економии на АПЕК порасна за 8,1 отсто, достигнувајќи 694 милијарди долари. Самиот град-домаќин Шенжен бележи силен подем во секторот на вештачка интелигенција со над 2.600 компании и годишен приход од околу 33 милијарди долари, а електричните возила, литиумските батерии, соларните производи и ВИ-технологијата сочинуваат повеќе од четвртина од неговиот извоз во регионот. Истовремено, кинеските компании ги прошируваат производствените капацитети низ Азија, како што се фабриката за батерии на EVE Energy во Малезија и погонот за електрични возила на BYD во Тајланд.
Во првата половина од 2026 година, трговската размена на Шенжен со економиите на АПЕК порасна за 33 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 296,8 милијарди долари.
Преку платформи како Кинескиот меѓународен увозен саем (CIIE), странските компании добиваат полесен пристап до кинескиот пазар, додека проектите за развојна помош, како технологијата за одгледување печурки „Џунцао“ во Папуа Нова Гвинеја, директно ги подобруваат приходите на локалните земјоделски заедници. Експертите оценуваат дека фокусот на АПЕК врз отвореноста и технолошките иновации претставува клучен одговор на глобалните економски предизвици и протекционизмот.
Извор: Xinhua