Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, даде изјава во ОН, по учеството на отворената дебата на високо ниво на Советот за безбедност.
Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата во целост:
„Драго ми е што денеска ја имав честа да сум прв македонски премиер кој говорел пред Советот за безбедност на Обединетите Нации.
Во оваа прилика сакам да упатам честитки на Швајцарија за првото претседавање со Советот за безбедност на ОН и да исто така да упатам честитка до сите наши граѓани по повод 30 години членство во организацијата на Обединетите Нации.
Како држава ние во сите овие изминати декади, имаме постојан позитивен и активен однос и придонес во работењето на ОН бидејќи сме држава која што е и европски и реформски ориентирана и која што секогаш работела и работи на афирмација на мирољубива политика и активно ангажирана членка на ОН во меѓународните односи.
Од своето осамостојување, принципите по кои се води нашата држава и по кои и се уште се води, е сите отворени прашања со соседите да се решаваат на мирен и демократски начин, преку дијалог, со цел напредок, подобра иднина и подобар животен стандард на граѓаните.
Сите ние се сеќаваме дека во нашето најблиско соседство при осамостојувањето на државата ние имавме сопствена национална агенда за мир која нужно подразбираше внатрешен консензус, инклузија на сите во општеството и градење на сопствена демократска држава, која што благодарение на визијата, на лидерството на првиот претседател на нашата држава, г. Глигоров на кого што денес му е и 106 години од роденденот, имаме држава која што денес од корисник на првата мисија на ОН мировна мисија, станавме држава која е членка на НАТО, која што има отпочнато преговори со ЕУ.
Тоа е благодарение на стратешките, големи одлуки кои што нашата држава ги донесе во минатото благодарение на кои изградивме држава пример за стабилност на Балканот. Од државата која што пред 30 години беше корисник на меѓународна мировна помош денес сме држава во која други држави преговараат за подобрување на своите односи.
Ние сме држава во која се депонирани договорите од Берлинскиот процес помеѓу земјите од Западен Балкан и држава која претседава со ОБСЕ во најтешката година за европскиот континент по Втората Светска војна.
Нема поголема потврда од тоа за демократските процеси и за напредокот кој го имаме направено во изминатите 30 години. Потврди за тоа доаѓаат и од голем број на меѓународни реномирани организации како што денес беше потврдата за унапредувањето на демократијата во медиумите.
Сега сме веќе држава која се наоѓа помеѓу првите 40 држави во светот според слободата на медиумите и тоа е благодарение на демократскиот капацитет кој Владата и парламентарното мнозинство го имаат во нашата држава и кои ја водат државата напред.
Сакам да повторам во име на Северна Македонија дека сите земји членки на ОН, треба да бидеме водени пред се од принципите на Повелбата на ОН, мирното решавање на конфликтите, како и солидарноста, од потребата од активен и постојан ангажман за намалување на страдањата, секаде каде што е тоа потребно. Република Северна Македонија како членка на ОН, изразува крајна загриженост од кризата која се надвиснува врз ОН, предизвикана од бруталната воената агресија на Русија врз Украина, со што е прекршен меѓународниот правен поредок, светскиот мир и стабилност.
Наша заедничка одговорност, на сите земји членки на ОН е да ја чуваме Повелбата на ОН и затоа нашата заложба треба да биде за што побрзо враќање на мирот и заштита на меѓународниот поредок.
Повелбата на ОН е неспорна гаранција за независност интегритет и суверенитет на земјите членки и ние не треба да отстапиме од тие принципи, бидејќи одговорноста е подеднакво на сите нас.
Сакам да се заблагодарам на швајцарското претседателство со Советот за безбедност кои што упатија покана денес во име на нашата Влада и нашите граѓани да се обратам пред Советот за безбедност во ОН.
Сакам да се заблагодарам на членовите на нашата делегација и сакам да истакнам дека дел од нашата делегација денес е и првиот министер за надворешни работи и прв постојан претставник на нашата држава во ОН, професорот Денко Малески. Навистина е убаво кога ќе се погледне низ призма на некој којшто бил современик на создавањето на современата независна македонска држава, прв од нејзините почетоци се до денес.
Јас имам и своја лична димензија во овој денешен ден, бидејќи во 1992 година како ученик во САД ја имав можноста да бидам еден од првите кои ќе го видат развиорено МК знаме пред зградата на ОН а денес ја имам можноста да бидам прв премиер на македонска Влада кој се обрати пред Советот за безбедност на ОН.
Таа чест не припаѓа на еден човек, туку таа чест припаѓа на сите генерации политичари, на сите генерации на дипломати, на сите наши академци, работници, граѓани што успеавме да изградиме држава базирана на демократски принципи која негува добрососедски односи со своите соседи и која што има меѓуетнички, граѓански односи уредени на највисоко ниво, пример за сите држави во Европа.“