– Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека од денеска започнува реализацијата на Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д.
Според договорот, од денеска започнуваат подготвителни работи, снимање на теренот, подоготовка на урбанистички проекти, основни проекти, со цел да се отпочнат и постапките за експропријација и проектирање.
Паралелно со ова започнува мобилизација на персонал за работа, подготовка на локации за поставување на кампови за градежната оператива, анализа на трасата и можни дислокации на подземни и надземни инсталации, подготовка на постапки за вршење на геотехнички истраги.
Изградбата на Коридорите 8 и 10-д е од стратешки интерес за државата. Со реализација на овој најголем инфраструктурен проект се заокружува коридорското автопатското поврзување на Република Северна Македонија со Европа и со регионот. Тоа значи полесно движење на стоки, услуги и капитал, но и најважно безбедно одвивање на сообраќајот, се наведува во соопштението од Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
ЈПДП во вчерашното соопштение за изградбата на коридорите, ангажманот на работниците и договорот со „Бехтел и Енка“, посочува дека ангажирањето на работна сила за изградба на Коридорот 8 и Коридирот 10-д ќе се реализира согласно постоечкиот закон, односно, согласно Законот за утврдување јавен интерес, за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10, донесен во 2021 година, а објавен во Службен весник на 16 јули истата година (бр.163).
– Во член 11, став (3), каде се регулира ангажманот на работници јасно стои обврската, стратешкиот партнер да користи најмалку 51% од локални ресурси. Ова значи, дека ако нашата земја има доволно локални ресурси, односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51%, информира ЈПДП.
За Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, пак, се наведува дека е склучен согласно посточките законските одредби.
– Сите договори коишто се дел од работата на Јавното претпријатие за државни патишта се со назнака на доверливост, бидејќи содржат технологии на работа и структури на управување, а со тоа и потреба за заштита од конкуренцијата. Но, претставници од Владата и членови на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, ќе ги презентираат документацијата и деталите од Договорот за изградба на овие два коридора, во соодветна собраниска процедура, односно, како што е предвидено согласно законот, пред сите пратеници од Собранието на Република Северна Македонија, кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат, соопшти ЈПДП.